11 видови колеги кои ги има на предновогодишна забава од работа

Единствено понапорно од новогодишна забава и пијана баба на свадба која те прашува дали ќе се жениш/мажиш се предновогодишните забави од работа. Не сте толку блиски за заедно да ја чекате Нова Година, а сепак треба да заокружите уште една успешна година во која вашата фирма не крахирала. Се разбира ова е за фирми кои всушност имаат над 10 вработени.

1. Шефот

Седи на чело на масата и се обидува да ја покаже забавната страна и човечкото лице. Не му верувајте. Се обидува да почне муабет со оние кои се подолу од него на корпоративната пирамида, им ги греши имињата и испаѓа поголемо говедо од што реално е. Нормално како и секој шеф се обидува да прави шеги. И уште понормално тие се неуспешни. Се смее само еден...

2. Полтрон

Тука е само за да се зближи со шефот. Во училиште седел на прва клупа пред наставничката, на факултет ги потсетувал професорите дека поминал рокот за предавање на семинарските, а дома и сигурно празното тетрапак пакување го остава во фрижидерот создавајќи им илузија на тие кои имаат несреќа да го делат животниот простор со него дека има млеко кога всушност нема. Пие тоа што го пие и шефот, наздравува со него прво и се надева дека така ќе просперира во работата. Што би рекле Дугме „Ако има Бога“ нема да просперира во работата.

3. Брејвик за сиромашни

Обично доаѓа во форма во некој мирен тип за кој обично другите колеги стравуваат дека еден ден ќе се појави на работа со Калашников и ќе ги има на ЦНН, ББЦ и Радио Валандово. Не се дружи, не зборува, доаѓа точно на работа, си оди точно од работа и не работи ништо што не му е работа. На забавата изненадува! Всушност е пријатно човечко суштество кое има добра смисла за хумор и познавања од општата култура. Сепак нема да станете другари и после забавата пак нема да ви прави муабет. Веројатно нема да ви влезе со Калашников на работа. Веројатно...

4. Kinder surprise

Фризура на патец, секогаш фино лакирана, дотерана, пристојна и насмеана. Тешко беше да ја убедите да се напие алкохол затоа што не пие.

„А сега спектакл!“

А се разбира има и причина зошто не пие. Затоа што е Џекил и Хајд, излегува нова личност од неа која ретко кој ја познава, а сигурно не сака да ја покаже пред луѓето со кои врви 8 часа дневно за да не умре за јадење. Како и да е ќе се качи на маса боса и ќе направи уште работи за кои ќе се зборува уште една година ако во таа година не крахира фирмата.

5. Пуштен од ланец

Розев џемпер, розева кошула, сребрена обетка, гел на косата и бурма на раката од пред 2 месеци кога ја запроси девојката со која бил 9 години што е точна бројка на години колку нема излезено сам.

После оваа слика со колешката единствено ќе му биде дозволено да се слика со особа од женски пол ако се слика со мајка му

Кога не се правда пред сопругата блиску до вратата од ВЦ-то пие без мерка, им се пушта на колешките, порачува песни... Поради тоа што има слаба резистентност на алкохол во 22 часот ќе го завиткате како бурито во капутот и ќе го испратите дома по такси. Во наредните четири месеци и новата сопруга ќе доаѓа со него на работа во случај некој да не и го земе. Никој нема да и го земе, а и таа би го вратила да може.

6. ИТ поддршка

Цела вечер ја врви во одговарање на прашања зошто компјутерот дома им бил спор, зошто кога ќе притиснеле на рестарт се рестартирал, каде е буквата “Ќ“ на тастатурата, споредување на интернет пакети од различни провајдери и слични прашања. А тој само би седел дома и би играл WOW.

 

7. Трите грации

Ги има вработено газдата на фирмата за да му го оплеменуваат просторот и сега откако ретко се врти во фирмата ги има заборавено дека се таму. Никој не знае по каква систематизација на работните места да ги води, но нив не им е гајле. Коефициентот да имаат учествувано на Мис во некоја локална кафана е 1.15.

Едната грација е вработена во време на експерименталната фаза на газдата... Кога мислеше дека сака девојки со очила

Не се дружат со никој друг освен ако не треба да ги слика некој. Не се дружат ни со шефот затоа што неформално тие се над него во хиеархијата. Му прават фаци на овој што е 2 години пред пензија зад грб, тој ги гледа на огледалото што е на ѕидот ама и за нив не му е гајле. Битно шарската му е погодена.

8. Дебелата и гласната

Центар на забавата, а Бога ми и гравитациски центар на масата. Поради нејзиниот глас сопственикот може да добие казна за нарушување на јавен ред и мир, а сите присутни желба место во похованиот кашкавал ножевите да си ги заријат во ушите. Сепак е добра по душа и знае да погоди по некоја шега. Ако се фати за микрофон газдата се фаќа за осигурачите и прогласува фајронт.

9. 2 години пред пензија

Му е гајле него за вашите Инстагами, Фејсбуци, сликања, селфија, тагирања. И за фирмата му е гајле и за шефот и општо за животот му е гајле.

На сликата: Човек на кого не му е гајле

Посакува типот од точка 2 да има храброст да влезе во фирмата со Калашников ама нема да му се оствари желбата. Дојден е да пие ракија затоа што дома не го оставаат (поради лекарствата за срце), да јаде затоа што жена му не знае да готви и толку. Толку не му е гајле за вас што не ни се потруди да ја префрли косата од едната страна на другата за да не изгледа дека е ќелав.

10. Нововработени

Ентузијастични на работа, ентузијастични на забавата. Уште го немаат сфатено капитализмот и се надеваат дека покрај работа нашле и ново семејство, нови пријатели. Во основа се како мали кученца што се љубопитни. Се разбира наредните месеци ќе им го срушат тој ентузијазам кога ќе сфатат дека на колегите не им гајле за нив и дека нивниот труд не се цени од никој. Потоа ќе се претопат во една од погорните категории. Или во подолната категорија.

11. Иселени колеги

Не се тука физички туку „во мислите и срцата на колегите“. Во основа со колегите се има пишано два пати на Фејсбук па овие му праќаат слика демек им фали, а тој додека некаде преку седум мориња, седум планини и седум граници по боксерки гледа телевизија и јаде пица им враќа “љубов“ и „сѐ би дал да е таму со нив“. Не би дал ништо затоа што имаше лет за 19 евра да се врати и слободни денови. Само не сака да ги троши на нив.

Што кажува за тебе твојата тетоважа

И каде си сега според тетоважата

15 причини зошто Таравари си заминува од министерството за здравство

#ЧаоТаравари

Есенски моден водич за луѓе кои земаат помалку од 250 евра плата

Напишан од човек кој зема помалку од 250 евра плата

Севернокореец на Денот
Севернокорејка на Денот